Шефот на македонската дипломатија го осуди терористичкиот напад во Анкара

– Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, истовремено и претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), го осуди терористичкиот напад во турскиот главен град Анкара.

„Остро го осудуваме терористичкиот напад утринава во Анкара. Северна Македонија стои со Туркије. Борбата против тероризмот е заедничка борба која никогаш не губи важност”, стои во објавата на министерот Османи на социјалните мрежи.

Потсетуваме дека утрово се случи терористички напад пред влезот на Генералната дирекција за безбедност во Анкара.

Турскиот министер за внатрешни работи, Али Јерликаја, во објава на социјалните мрежи соопшти дека двајца полицајци се полесно повредени.

„Околу 9:30 часот (по локално време, заб.ав.) двајца терористи кои со помало возило дошле пред влезот на Генералната дирекција за безбедност при Министерството за внатрешни работи, извршија бомбашки напад. Еден од терористите се разнесе, а другиот терорист е неутрализиран. При отворениот оган полесно се ранети двајца наши полицајци. На нашите херои им посакувам брзо закрепнување“, соопшти турскиот министер Јерликаја.