Шефот на суданската армија подготвен за мировни преговори со бунтовниците

– Шефот на суданската армија Абдел Фатах ал-Бурхан изјави дека е подготвен да разговара со командантот на бунтовничките Сили за брза поддршка (РСФ), Мохамед Хамдан Дагал.

Тие ги предводат конфликтните сили во Судан, а од април во ескалацијата на насилството, според Обединетите нации, загинале повеќе од 5.000 луѓе, јави Би-Би-Си.

Генералот Бурхан, кој ја презеде власта со државен удар во 2021 година, во интервју за Би-Би-Си за време на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк негираше дека неговата армија убива цивили. ОН и другите меѓународни организации тврдат дека двете страни неселективно напаѓаат цивили и цивилната инфраструктура.

Тој рече дека е уверен во победа, но призна дека бил принуден да го пресели своето седиште во Порт Судан бидејќи борбите во главниот град Картум оневозможиле владата да продолжи да функционира.