Шмид: Албанија е активна и доверлива членка на ОБСЕ

Министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Олта Џачка по средбата со генералната секретарка на ОБСЕ Хелга Марија Шмид во заедничката изјава за медиумите соопштија дека се фокусирале на руско-украинската војна, соработка Албанија-ОБСЕ…

 Генералната секретарка на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Хелга Марија Шмид, престојува во официјална посета на Албанија, а во изјава за медиумите истакна дека Албанија е активна и доверлива членка на ОБСЕ.

Министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Олта Џачка, ја пречека Шмид на средба, а во заедничката изјава за медиумите по средбата, се фокусираа на прашањата за руско-украинската војна, соработката меѓу Албанија и ОБСЕ, регионалната соработка и други прашања.

Џачка истакна дека уште еднаш ја потврдиле позицијата на Албанија во врска со нелегалната агресија на Русија против Украина.

„Овој состанок доаѓа во навистина тежок момент за безбедноста и соработката во Европа како резултат на нелегалната руска агресија врз Украина. Ова несомнено беше една од главните теми за кои разговаравме денеска на нашата средба“, рече Џачка.

Таа нагласи дека оваа година регионот има посебна улога во ОБСЕ бидејќи Северна Македонија е следниот претседавач со ОБСЕ за 2023 година, што, според неа, несомнено го става регионот и случувањата во него во фокусот на организацијата дури и повеќе од вообичаено.

„Мисијата на ОБСЕ во Албанија продолжува да биде партнер со кој имаме многу добра соработка, иако денес Албанија веќе не е проблематичен случај за безбедносните прашања, ние несомнено го поздравуваме придонесот на организацијата и нејзината поддршка во понатамошното реформирање и модернизација на земјата“, додаде Џачка.

Меѓу другото, Шмид изјави дека Албанија е активна и доверлива членка на ОБСЕ.

„Живееме во многу тешки времиња, мислејќи и на агресијата во Украина, која имаше влијание надвор од Украина. Исто така, се согласивме дека ОБСЕ е клучен столб за безбедносната архитектура во Европа. Регионалната соработка мислам дека е на страна на нашата организација. Бев многу импресионирана од улогата на Албанија во достигнувањата на полето на надворешната политика“, рече Шмид.

Таа истакна дека е важна работата што организацијата ја врши преку теренските мисии во Европа и Азија.

Во рамки на посетата, Шмид ќе се сретне и со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, со претседателката на Парламентот, Линдита Никола, пратениците во Парламентот на Албанија и со претставниците на мисијата на ОБСЕ во Албанија.