Шолц се изјасни против итниот пристап на Украина во НАТО

– Германскиот канцелар Олаф Шолц денес пред самитот на НАТО во Литванија повтори дека пристапот на Украина во Алијансата „не доаѓа предвид пред да заврши руската војна против Украина“.

„Тоа го изјави и самата украинска Влада“, рече Шолц во своето обраќање во Бундестагот, германскиот Парламент.

„Затоа водам кампања за да се фокусираме во Вилнус на она што сега има апсолутен приоритет: Да ја зајакнеме вистинската борбена способност на Украина“, рече Шолц.

Самитот на НАТО кој ќе се одржи во средината на јули во главниот град на Литванија, Вилнус, ќе се фокусира на тоа како Украина да се приближи до НАТО и какви безбедносни гаранции може да ѝ се дадат по завршувањето на војната.

Германскиот канцелар повторно вети поддршка на Украина онолку долго колку што е потребно. Тој истакна дека германската цивилна и воена помош сега изнесува вкупно 16,8 милијарди евра.

Тој, исто така, рече дека Германија ќе ја исполни целта на НАТО за трошоци за одбрана од 2 отсто од бруто-домашниот производ „почнувајќи од следната година“.

Додаде дека Германија ќе продолжи да ги фокусира своите испораки на оружје на оклопни борбени возила, системи за противвоздушна одбрана, артилерија и потребната муниција. На овој начин, рече, Германија го снабдува токму она што на Украина ѝ е најитно во тековната офанзива за ослободување на нејзините територии.

– Кандидатурата на Шведска за НАТО –

Шолц се изјасни и за брзиот пристап на Шведска во НАТО. Тој е цврсто убеден дека Шведска треба да седне на масата на самитот како нов сојузник покрај Финска.

Шолц апелираше до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган сега да го расчисти патот за ова прашање. Тој додаде дека тоа е заеднички решено на самитот на НАТО во Мадрид минатата година.

Финска и Шведска аплицираа за членство во НАТО веднаш откако Русија започна војна против Украина во февруари 2022 година.

Трилатералниот меморандум потпишан на самитот на НАТО меѓу Турција, Финска и Шведска во јуни минатата година, предвидува балтичките земји да не пружаат поддршка на ЈПГ/ПЈД, сирискиот огранок на ПКК или на ФЕТО – терористичката организација која стои зад обидот за пуч во Турција во 2016 година.

Иако Турција го одобри членството на Финска, таа чека Шведска да ги исполни обврските од договорот.

Неколку министри за надворешни работи се надеваат дека Турција ќе ја одобри кандидатурата на Шведска пред самитот на НАТО следниот месец.

Од 1 јуни на сила стапи новиот шведски закон за борба против тероризмот, што им дозволува на властите да ги гонат поединците кои ги поддржуваат терористичките организации.

Но, Ердоган јасно стави до знаење дека доколку се очекува од Турција да одговори на очекувањата на Стокхолм за пристапување во НАТО, Шведска, исто така, мора да го направи својот дел за терористичката организација ПКК пред самитот.

– Реформи на ЕУ за азил –

Во своето владино соопштение, Шолц ги бранеше и европските планови за процедурите за азил на надворешните граници на ЕУ. „Ова е историски договор бидејќи покажува дека ЕУ може да ги надмине разликите дури и за најконтроверзните прашања“, рече тој.

„На Германија исто така ќе ѝ биде олеснето со таков нов и праведен систем, бидејќи досега бевме главна цел за главно неменаџираната внатрешна миграција во Шенген-зоната“, додаде канцеларот.

Земјите на ЕУ гласаа за сеопфатни реформски планови на почетокот на јуни. Барањата за азил од мигрантите кои доаѓаат од земјите на потекло со стапка на признавање помала од 20 отсто треба да се испитаат на надворешните граници на ЕУ во рок од 12 недели.

За тоа време, оние кои бараат заштита треба да бидат обврзани да престојуваат во строго контролирани прифатни објекти. Оние кои немаат шанси за азил веднаш ќе бидат вратени назад.

Можно е, сепак, Парламентот на ЕУ да спроведе промени. Шолц повика да се постигне договор со Европскиот парламент пред европските избори следната година.

„Германија, исто така, мораше да направи компромиси за ова прашање“, рече тој. „Но, тоа беше вистинската работа – во интерес на единството на Европа и способноста да дејствува“, додаде Шолц.

„Сегашниот систем не функционира“, додаде тој. Во преговорите, германската Влада се залагаше семејствата со деца да бидат изземени од таканаречените гранични процедури.

– Прашањето за Тајван –

Во својот говор, Шолц, исто така, побара од раководството на Кина да се воздржи од употреба на сила во Јужното Кинеско Море и во близина на Тајван. „Ние цврсто ги отфрламе сите еднострани обиди за промена на статус кво во Источното и Јужното Кинеско Море со сила или принуда. Ова особено важи за Тајван“, рече тој.

Тој му го кажал ова и на кинескиот премиер Ли Кианг на состанокот во Берлин. Шолц истакна дека Германија и западните земји не сакаат да се диста од Кина, но сакаат да ги намалат зависностите.

„Никој од нас не сака да го попречи економскиот развој на Кина“, тврди канцеларот. „Кина“, рече тој, „игра одлучувачка улога, на пример, во глобалната безбедност на храната, помошта за силно задолжените држави, инвестициите во идните технологии, борбата против сиромаштијата или борбата против климатските промени.“