ЈОРСМ: Тројца онколошки пациенти ќе имаат директен увид во целата постапка

Обвинителството денеска ќе побара од неформалната организација преку која пациентите ги изнесуваат своите барања да избере тројца онколошки пациенти кои во текот на целата постапка ќе имаат директен увид во прибраните докази и во преземените дејствија.

Надлежниот јавен обвинител денеска бил телефонски контактиран од 10-тина граѓани кои сакаат со свои сознанија да и помогнат на постапката за случајот „Онкологија“, соопшти Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ).

Обвинителството, пак, денеска ќе побара од неформалната организација преку која пациентите ги изнесуваат своите барања да избере тројца онколошки пациенти кои во текот на целата постапка ќе имаат директен увид во прибраните докази и во преземените дејства.

Како што наведува ЈОРСМ, Основното јавно обвинителство Скопје ќе преземе дополнителни чекори за обезбедување максимална транспарентност и отчетност на постапката за случајот „Онкологија“ зашто со предметот што се води се испитува евентуална повреда на највисокото уставно загарантирано право на здравствена заштита.

-Врз основа на барањето на онколошките пациенти изнесено на средбата која се одржа на 7 септември, Обвинителството денеска ќе побара од неформалната организација преку која пациентите ги изнесуваат своите барања да избере тројца онколошки пациенти кои во текот на целата постапка ќе имаат директен увид во прибраните докази и во преземените дејствија. Пациентите ќе треба претходно да потпишат изјави со кои ќе се гарантира тајноста на постапката и на личните податоци во кои ќе имаат увид. Начинот на избор на пациентите е оставен на нивните претставници кои го изнесоа ваквото барање. Претходно, Основното јавно обвинителство Скопје ги охрабри сите граѓани кои имаат сознанија во врска со овој предмет, да ги пријават на надлежните органи. Во текот на денешниот ден, надлежниот јавен обвинител телефонски го контактираа 10-тина граѓани, кои сакаат со свои сознанија да и помогнат на постапката, информира ЈОРСМ.

Во соопштението се додава и дека Јавното обвинителство ги презема сите дејства за обезбедување докази со цел проверка на наводите во овој предмет. Во таа насока, нагласува, од самиот почеток е вклучен и лекарски и друг медицински персонал.