„Ќе му требаат само 24 минути“ Зеленски го покани Трамп да ја посети Украина за да му објасни неколку работи (ВИДЕО)

Трамп во мај на Си-Ен-Ен тврдеше дека војната немаше да се случи доколку тој беше претседател кога започна целосната руска инвазија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го покани Доналд Трамп да ја посети Украина, откако поранешниот американски претседател рече дека може да ја прекине руската војна против Украина во рок од 24 часа доколку победи на изборите следната година.    

Во интервју за NBC, Зеленски го доведе во прашање тврдењето на Трамп и го покани да ја посети Украина за сам да се увери во размерите на руската инвазија.   

– Ако може да дојде овде, ќе ми требаат 24 минути, да, 24 минути за да му објаснам на претседателот Трамп дека не може да управува со оваа војна. Тој не може да донесе мир поради Путин – рече Зеленски.    

Зеленски, исто така, го пофали претседателот Џозеф Бајден за неговата посета на Украина претходно оваа година, пренесува Си-Ен-Ен.   

– Мислам дека разбра некои детали кои можете да ги разберете само кога сте тука. Затоа го поканувам претседателот Трамп – рече Зеленски.    

Трамп во мај изјави за Си-Ен-Ен дека војната немаше да се случи доколку тој беше претседател кога започна целосната руска инвазија и дека би можел да го реши конфликтот за еден ден доколку биде реизбран.     

– Ќе се сретнам со Путин. Ќе се сретнам со Зеленски. И двајцата имаат слабости и имаат силни страни. И во рок од 24 часа таа војна ќе се реши – рече Трамп.