15-ти по ред јубилеен летен камп за деца со вродени срцеви мани во организација на клиниката Жан Митрев

Традиционално, 15-та година по ред, Клиниката Жан Митрев во соработка со Црвениот крст на град Скопје го организира летниот камп за деца со вродени срцеви мани и нивните семејства во Струга.

Преку овој камп наречен „Моето срце во сите бои“, целта на клиниката Жан Митрев е да продолжи грижата и терапевтскиот процес надвор од болничката средина, во атмосфера на отворена природа и соодветна средина. Над 20 деца и нивните семејства присуствуваат на еднонеделниот камп како дел од процесот на рехабилитација по медицинскиот третман.

Сите активности, игри, забава и дружење се комбинирани со психолошки, интерактивни и физиотерапевтски вежби кои го поттикнуваат физичкиот, емоционалниот и социјалниот развој дури и по излегувањето. Активностите за рехабилитација се одвиваат под водство и надзор на тимот лекари и терапевти од клиниката Жан Митрев, кој го сочинуваат психотерапевт, лиценциран психолог и специјалист по психотерапија и практичар по невро-лингвистичко програмирање.

Кампот „Моето срце во сите бои“, под голема и целосна поддршка на д-р Митрев, се одржува 15 години по ред и дава одлични резултати во рехабилитацијата на децата со вродени срцеви мани.