„МИЛАНОВИЌ НЕМА ДА БИДЕ МАНДАТАР“ Лидерот на СДП на Хрватска: Се откажавме од него

Претседателот на Социјалдемократската партија (СДП) на Хрватска, Пеѓа Грбин, потврди дека партијата се откажала од актуелниот шеф на државата Зоран Милановиќ како мандатар за состав на новата хрватска влада, и ја повтори потребата од конституирање на Парламентот за да се контролира извршната власт на ХДЗ во техничкиот мандат, бидејќи, како што рече, преговорите за формирање на нова влада може да траат со месеци.

Грбин прво рече дека „не би рекол дека се откажале од Милановиќ“, но оти, како што рече, треба да се биде свесен за реалноста.

– Ако нешто не е реално, не треба да ја удирате главата во ѕид, рече Грбин.

На повтореното прашање за откажување од Милановиќ, Грбин одговори: „Ако тоа е прашањето, тогаш одговорот е да“, пренесе ХРТ.

Тој потсети на она што го кажаа Мост и ИДС – „дека не го поддржуваат Милановиќ на чело на владата“.

Грбин синоќа по седницата на претседателството на партијата одби да одговори дали е подготвен да го преземе мандатот, велејќи дека треба да се оди полека, чекор по чекор, дека сите опции се на маса и оти има подобри и полоши опции. Тој додаде дека Хрватска ја чекаат разговори за формирање на идната влада, кои ќе траат со денови, недели, а можеби и месеци.

Во меѓувреме, СДП ќе преговара со сите други политички партии кои влегоа во Собранието на изборите, со исклучок на ХДЗ, со цел да се конституира парламент кој во технички мандат би обезбедил надзор над актуелната влада.

– Сега е јасно дека преговорите за формирање на нова влада ќе потраат, а прашање е каков ќе биде нивниот исход. Не смееме да дозволиме оваа влада да дејствува без надзор во текот на овие преговори, рече Грбин.

Официјалните преговори за формирање на новото хрватско мнозинство и влада почнаа вчера, а Грбин појасни дека додека Собранието не заседава, Владата има овластување да донесува уредби со правна сила, со што на техничката влада и се даваат поголеми права и овластувања отколку што имаше пред распуштањето на парламентот. ј