Кампањата на ДЗС за заштита при појава на земјотрес претставена во Делчево

Дирекцијата за заштита и спасување денеска во Делчево спроведе едукативно предавање за учениците од шесто до деветто одделение при ООУ „Св.Климент Охридски“. 

Едукацијата е во рамки на одбележување на Месецот на превенција од закани од земјотреси што Дирекцијата за заштита и спасување ги спроведува во училишта низ Македонија.

-Нашата кампања за превенција од заканите од појава на земјотреси почна на 1 февруари што значи трае и пред да се случат земјотресите во Турција и Сирија. Знаеме дека земјотресот е непредвидлива елементарна појава и затоа целта на оваа камапања е да се едуцираат да дознаат за основните поими при земјотрес како и насоки и препораки како да се заштитат и да си помогнат себе и другите во случај на земјотрес, истакна Мирослав Трајковски од ДЗС.

Во случај на земјотрес како што додаде најважна препорака е да се постапува смирено.

-Да не паничат додека има потреси, да очекуваат да има афтершокови, следиме, гледаме што се случува, да ги следат основните пораки да се самозаштитат, да избегнуваат стаклени и небезбедни места како лифтови итн, додаде Трајковски.

Преку Дирекцијата за заштита и спасување досега се испратени преку 70 луѓе во Турција, каде во рамки на својата мисија, спасени се неколку човечки животи и е даден особен придонес за помош на населението во загрозените подрачја.