КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ ПРЕДИЗВИКАЛЕ ОПАСНИ ЛЕДЕНИ ТАЛАСИ: Во најстудениот град на Земјата е измерен минус 62, научниците се загрижени

Најстудениот град на Земјата, Јакутск, забележа температура од минус 62,7 степени Целзиусови.

Глобалното затоплување е една од главните теми на кои предупредуваат научниците кога станува збор за климатските промени, но брановите на леден воздух и длабокиот снег опасен по живот продолжуваат да ја зафаќаат планетата.

Научниците предупредуваат дека климатските промени, токму забрзаното затоплување на Арктикот, всушност ги зголемуваат шансите ледениот поларен воздух да стигне на југ. Иако минатото лето беа срушени рекорди за топлина низ целата планета , а топлотниот бран однесе животи и ги загрози посевите, многу места на Земјата се соочија со многу опасна зима.

На североистокот на Америка, студен рекорд беше соборен само неколку недели по рекордниот топол јануари. Ненадејниот пад на температурата до минус 34 степени кога станува збор за студ на ветерот е нешто на што предупредуваат научниците.

Слично е и во Азија, на северот на Кина се забележани минус 53 степени Целзиусови, што е најниската температура досега измерена во тој регион.

Во Јапонија студен бран кој се случува еднаш во десет години однесе четири животи, а во Јужна Кореја беа срушени рекордите за ниски температури. Во Авганистан живата во термометарот падна на минус 28 степени целзиусови и повеќе од 150 луѓе загинаа. Најстудениот град на Земјата, Јакутск во источен Сибир, ја забележа најниската температура во последните две децении, минус 62,7 степени Целзиусови.

Температурата на нашата планета е директно поврзана со воздухот што циркулира високо во атмосферата, околу висината на која летаат авионите. Кога тој воздух ќе се пренасочи кон југ, ледениот арктички воздух може да стигне до Северна Америка, Европа и Азија.

Климатолог од Технолошкиот институт во Масачусетс, Џуда Коен, објасни за Си-Ен-Ен дека токму тоа се случило во јануари.

Што е поларниот вортекс и како тој влијае на температурата?
Промената на притисокот висок во атмосферата ќе го одведе ледениот воздух прво на југ, а потоа на север, но со него на север ќе пристигне и потопол воздух. Треба да се земе предвид и поларниот вортекс, лента од силни ветрови на леден арктички воздух високо во стратосферата околу Северниот Пол.

Обично е стабилен, но кога е вознемирен, се шири и испраќа ладен воздух на југ каде што се меша со ветрови од пониско ниво кои влијаат на времето што го чувствуваме на површината на Земјата.

„Поларниот вортекс обично брзо ротира околу Северниот пол, но ако нешто се случи да го наруши, ветровите и ледениот воздух се разнесуваат на југ“, објасни Коен.

Теоријата на научниците објаснува дека Арктикот се загрева четири пати побрзо од остатокот од Земјата поради загадувањето предизвикано од согорувањето на фосилните горива. Тоа затоплување потоа ја нарушува разликата во температурата на ветровите и многу студениот воздух почнува да се движи кон југ.

Коен вели дека затоплувањето северно од западна Русија, во комбинација со снегот во Сибир, се рефлектира во брановите на ветерот и ја турка енергијата нагоре. Поради ова поларниот вортекс е нарушен и од него излегува ледениот воздух.

Но, не сите научници се согласуваат со оваа теорија, имајќи предвид дека нема доволно историски податоци врз основа на кои без сомнение може да се заклучи дека екстремните зимски температури се должат на затоплувањето на Арктикот.

„Ако ги погледнеме податоците за климатскиот модел, не гледаме такви врски или тие се многу слаби“, вели професорот по климатологија на Универзитетот Фреј во Амстердам. Научниците се согласуваат само за едно – мора да продолжиме да ги проучуваме екстремните зимски температури за да ја одвоиме причината од последицата.