Маричиќ: Целта е членство во ЕУ, но регионалната соработка е појдовна точка за заедничка европска иднина

 – Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска во Вашингтон учествувал на конференција на тема „Западен Балкан: Трансатлантска и регионална соработка – градење силни сојузи“, на покана на Трансатлантската лидерска мрежа, на која истакнал дека регионалната соработка е многу важна, заедно со прогресот и стабилноста, и дека ЕУ од Западен Балкан очекува поврзување и заедничко дејствување во надминувањето на бариерите.

– Нашата цел е ЕУ, но регионалната соработка е таа која побрзо ќе спушти бариерите и ќе ги претвори во можности. Прогрес, соработка и стабилност очекува од нас ЕУ. Сите разлики што ги имаме меѓу себе мораме да ги решиме онака како што ЕУ ги решава, во рамки на регионална соработка и дијалог, рекол Маричиќ.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, тој додал дека соработката, поврзувањето и дијалогот нè прави кредибилен партнер на ЕУ и дека треба да биде научена лекцијата од досегашното чекање пред вратите во ЕУ, дека успехот на една држава е успех на сите во регионот и секој неуспех е неуспех на целиот регион.

Говорејќи за успехот на иницијативите Берлински процес и Отворен Балкан, Маричиќ потенцирал дека и двете одат во иста насока и ги даваат посакуваните резултати, правејќи го бизнисот и секојдневното функционирање на граѓаните полесно.

Во економска смисла, според Маричиќ, нема сомнеж дека многу брзо и лесно можеме да бидеме интегрирани во ЕУ, па како што рекол тој, не е случајна и иницијативата за предвремено интегрирање во европската економска заедница.

– Со новиот план за забрзана интеграција на Западен Балкан имаме подадена рака од ЕУ да ги зајакнеме меѓусебните односи и можност да бараме јасен план за членство, не подоцна од 2030 година. Затоа сите инструменти кои ни се нудат треба да ги искористиме за целосно да го постигнеме членството во ЕУ и да го вратиме кредибилитетот на ЕУ и нејзината популарност, преку конкретни резултати за граѓаните, потенцирал Маричиќ.

Вицепремиерот порачал дека подобрување на регионалната поврзаност и соработка е основа ако земјите од Западен Балкан сакаат да напредуваат во ЕУ и во таа насока посочи дека заедничките предизвици, како темите поврзани со енергетика, безбедност, зелена агенда, треба заедно да ги држиме отворени со ЕУ, со крајна цел – членство во ЕУ.

На конференцијата, во организација на Трансатлантската лидерска мрежа, а во соработка со Центарот за Европа на Атлантскиот совет, учествувале американски експерти, професори, претставници на дипломатскиот кор и граѓанскиот сектор.