Меѓународниот кривичен суд изрази загриженост поради рускиот налог за приведување на тужителот Кан

 – Меѓународниот кривичен суд (МКС) вчера изрази длабока загриженост поради рускиот „неприфатлив“ налог за приведување на обвинителот Карим Кан.

„Меѓународниот кривичен суд е свесен и длабоко е загрижен поради неоправданите мерки на принуда што власта на Руската Федерација наводно ги презела против официјалните лица на МКС, особено против обвинителот на судот и судиите на Претпретресниот совет II“, се вели во соопштението на МКС.

Во продолжение се истакнува дека судот ќе остане „непоколеблив во извршувањето на својот легитимен мандат да обезбеди одговорност за сторените најтешки злосторства во интерес на меѓународната заедница како целина“.

Кан, британски правник кој го издаде налогот за приведување на рускиот претседател Владимир Путин, ставен е на потерница во Русија.

Истражниот комитет на Руската Федерација во март поведе кривична постапка против обвинителите и судиите на МКС, откако Судот издаде налог за приведување на Путин.