Најмалку седуммина загинати, 67 повредени во руски ракетен напад врз украинскиот град Покровск

– Најмалку седум лица загинаа, а 67 се повредени во руски ракетен напад синоќа врз град во источниот украински регион Доњецк, соопштија локалните власти утринава, јавува Анадолу.

„Трагедија во Покровск: информации за жртвите до 7 часот наутро. Седум лица загинаа. Повредени се 67, меѓу кои 29 полицајци, седум спасувачи и две деца“, изјави украинскиот министер за внатрешни работи Ихор Клименко преку Телеграм.

Тој истакна дека надлежните морале да ја прекинат работата на расчистување во областа поради големата закана од повторни гранатирања.

Украинското Министерство за внатрешни работи во подоцнежната изјава на Телеграм соопшти дека пожарот на вкупна површина од 75 квадратни метри во станбена зграда и хотел се изгаснати и дека нема луѓе под урнатините, според прелиминарните информации.

„Во петкатна станбена зграда се вршат операции за спасување“, се вели во соопштението.

Гувернерот на Доњецк, Павло Кириленко, преку Телеграм, исто така, потврди дека нападите врз градот Покровск биле извршени со ракети „Искендер“, велејќи дека во нападот биле оштетени приватни домови, висококатници, хотел и административна зграда.

Во претходната изјава украинскиот претседател Владимир Зеленски рече дека спасувачите и сите потребни служби се на местото на нападите.

„Мора да го запреме рускиот терор. Секој што се бори за слободата на Украина спасува животи. Секој во светот што ѝ помага на Украина ќе ги победи терористите заедно со нас. Русија ќе одговара за сѐ што направи во оваа страшна војна“, рече Зеленски.

Руските власти сѐ уште не го коментираа нападот, а тешко е да се направи независна проверка на тврдењата на Украина поради тековната војна.

Во тековната руско-украинска војна, која започна во февруари 2022 година, загинаа над 9.300 цивили, а повеќе од 16.600 беа ранети, според најновите податоци на Обединетите нации.