Орбан: „Поблиску од кога било сме до светска војна“

Светот е поблиску од кога и да е локален конфликт да стане светска војна, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Водачите на западниот свет „се зафатени од воена треска, тие држат говори повикувајќи на победа во војната и дополнителни жртви и испраќаат сè поопасно оружје во Украина“, рече Орбан во интервју за унгарското државно радио.

Наместо едногласно да се промовира мир, светот е поделен, посочи Орбан. Турција и арапските држави, Кина и африканските земји сакаат прекин на огнот и мировни преговори, смета тој.

Во исто време, Унгарија е „во основа единствената“ европска земја која е за мир, заедно со Ватикан, рече Орбан. Државите кои влегуваат во војна се мотивирани од „деловни шпекулации, размислувања за одбранбената и економската политика и пресметките на воените предности“, исто како и од посветеноста на принципите и религијата, нагласи тој.

Во меѓувреме, Унгарија мора да има силна армија и во исто време да промовира мир, рече тој. Државата може да се брани доколку нејзините граѓани ја сакаат својата татковина и се подготвени да ја бранат во време на неволја и да не бегаат од неа, рече Орбан.

  • Да бидеме за мир не значи дека треба да бидеме беспомошни, рече тој. Аргументот на Унгарија за мир не доаѓа од слабост, нагласи шефот на унгарската влада.