По таткото, 159 часа по земјотресот била спасена и неговата 10-годишна ќерка

Спасувачките екипи извлекоа 10-годишно девојче од под урнатините на зграда 159 часа по земјотресот што ги погоди јужните региони на Турција, а само еден час претходно беше спасен и нејзиниот татко, 38-годишниот Гохан Угурлу.

Два разорни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала ги погодија во понеделник јужните делови на Турција со епицентар во Кахраманмарас, а бројни спасувачки тимови сè уште ревносно работат на пребарување и спасување на луѓето затрупани во урнатините на зградите.

Успешна спасувачка операција е извршена на урнатините на шестгодишната зграда „Далоглу“, во центарот на областа Антакије во Хатај. Спасувачите го спасиле Угурлу 158 часа по земјотресот, а потоа под урнатините ја лоцирале и ја извлекле неговата ќерка Зејнеп Угурлу.

Спасувачите беа видно среќни по успешната операција и ја продолжија потрагата во урнатините, што се претвора во напорна трка со времето.