Русија: Приведена руско-американска државјанка обвинета за велепредавство

– Руско-американска државјанка приведена е денес во градот Екатеринбург под обвинение за велепредавство, соопшти руската разузнавачка агенција.

„Федералната служба за безбедност во Екатеринбург ги сузби незаконските активности на 33-годишната жителка на Лос Анџелес, која има двојно државјанство на Русија и на САД. Таа била вклучена во давањето финансиска помош на странска држава со цел спроведување активности насочени против безбедноста на нашата земја“, се наведува во соопштението на руската Федерална служба за безбедност.

Во соопштението се вели дека обвинетата од февруари 2022 „проактивно собирала финансиски средства за една од украинските организации, кои подоцна биле користени за купување лекови, опрема, оружје и муниција за вооружените сили на Украина“.

„Во САД учествувала на собири за поддршка на Украина“, се вели во соопштението.

Врз основа на достапните факти, Федералната служба за безбедност подигна кривична постапка за велепредавство, а судот ѝ додели на обвинетата превентивна мерка притвор, се наведува во соопштението во кое не е наведено името на приведената жена.

Русија ја започна својата „специјална воена операција“ во Украина во февруари 2022 година.