Средба Османи – Ескобар: Забрзувањето на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан од клучно значење за стабилноста

Актуелните состојби во Западен Балкан беа во фокусот на разговорите на денешната средба меѓу министерот за надворешни работи Бујар Османи и заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Османи на средбата потенцирал дека забрзувањето на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан е од клучно значење за зачувување на стабилноста во регионот.

Како што соопштија од Министерството за надворешни работи, Османи го брифирал високиот американски претставник за Планот од 9 точки за деескалација на тензиите меѓу Србија и Косово, кој го иницираше во својство на Претседавач со ОБСЕ.

Воедно, беше разговарано и за потребата од забрзување на евроинтегративните процеси на Северна Македонија и земјите од регионот како споделена стратешка цел.

Процесот на проширување на Европската унија претставува безбедносно прашање, и оттука забрзувањето на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан е од клучно значење за зачувување на стабилноста во нашиот регион, но и Европа како целина. Високо ја цениме континуираната поддршка од САД во таа насока, што е споделен стратешки интерес, но и гаранција за ограничување на влијанието од трети страни, истакна Османи.

На средбата стана збор и за развојот на билатералните односи во рамки на Стратешкиот дијалог, како и за целокупната поддршка за зајакнување на демократските институции, напредок во владеењето на правото и борбата против корупција.

Воедно, како што потенцираат од МНР, на средбата беше поздравено сојузништвото меѓу двете земји во рамки на НАТО, при што беше истакната поддршката за Украина и заедничките заложби за одбрана на современите демократски принципи и вредности, како и силна осуда за руската воена инвазија.

На маргини на Дубровник форум 2023, Османи оствари средба и со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Ренауд- Басо, додека посебни средби ќе реализира и со заменик претседателката на Владата и министерка за надворешни работи на Република Бугарија, Марија Габриел и со министерот за надворешни работи на Република Ерменија, Арарат Мизорјан.