ТРАЕН ПРЕКИН НА ВОЈНАТА? Хамас постави тешки услови за Израел да ги ослободи киднапираните војници на ИДФ

Палестинското милитантно движење Хамас постави траен прекин на огнот во Појасот Газа како предуслов за ослободување на заробените припадници на израелските одбранбени сили (ИДФ) во преговорите со Израел , јави денеска египетската телевизија Ал Кахера ал-Ехбари, пренесува Танјуг.

Како што јави египетската телевизија, палестинските милитанти потврдија дека „условите за ослободување на израелските војници ќе бидат различни“, пренесе ТАСС.

Поточно, преговорите за ова прашање ќе вклучуваат разговори за „ запирање на непријателствата и укинување на блокадата “ наметната од Израел на Појасот Газа.

Осама Хамдан, висок функционер на Хамас, во интервју за телевизијата Ал Арабија изјави дека „сè уште е рано и тешко да се зборува за ослободување на заробените војници во услови на тековно страдање на палестинскиот народ и продолжување на израелската агресија. “

Според неговите зборови, „ условот за преговори е крајот на војната “.

Хамдан потврди дека Хамас верува дека е можно да се продолжи хуманитарниот прекин на огнот за уште неколку дена.

„Можно е продолжување на прекинот на огнот за уште неколку дена, а преговарачкиот процес има две насоки. Првата е хуманитарната насока, која предвидува ослободување на што повеќе заложници. Втората насока е политичка, која се однесува на прекин на агресија и укинување на блокадата на Појасот Газа, што ќе ја отвори вратата за склучување договор за размена кој ги вклучува сите заложници“, посочи Хамдан.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Катар, Мајед бин Мохамед ал-Ансари, во понеделникот изјави дека Израел и Хамас, со помош на посредници, постигнале договор за продолжување на хуманитарниот прекин на огнот во Појасот Газа за два дена.

Тахер ал-Нуну, портпаролот на шефот на политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханије , изјави за ТАСС дека новиот договор со Израел ќе се заснова на истите услови, односно дека тројца палестински затвореници ќе бидат ослободени во замена за секој Израелец заложник ослободен од Хамас.