Барселона ги прекинува сите институционални врски со Израел поради кршење на човековите права

– Прекинот на односите вклучува раскинување на договорот за збратимување на Барселона и Тел Авив, потпишан во 1998 година.

Градоначалничката на Барселона, Ада Колау, доцна синоќа објави дека нејзиниот град ги прекинува сите институционални односи со Израел поради „постојаното кршење на човековите права на палестинското население и непочитување на Резолуцијата на Обединетите нации“, пренесува „Анадолу“.

Во објавата на Инстаграм, крајно левичарската градоначалничка истакна дека на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му рекла дека Барселона „нема да одржува институционални односи со неговата влада“.

Прекинот на односите вклучува раскинување на договорот за збратимување на Барселона и Тел Авив, потпишан во 1998 година.

Колау рече дека одлуката за прекин на односите со израелската Влада доаѓа по барање на повеќе од 100 ентитети и 1.000 жители на Барселона.

Градоначалничката на Барселона додаде дека, иако каталонската престолнина повеќе нема да се занимава со израелската држава, ќе продолжи да соработува со палестинските и израелските ентитети „кои работа за мир и против апартхејдот“.

Федерацијата на еврејски заедници во Шпанија соопшти дека ја отфрла одлуката на Градот Барселона, за која тврди дека е донесена „без дебата“ и дека не го претставува градот и неговите граѓани.

Коалицијата „Ставање крај на соучесништвото со Израел“ (Prou Complicitat amb Israel) во јануари започна кампања со испраќање отворено писмо до градоначалничката на Барселона, барајќи од неа да го раскине договорот со Тел Авив.