Ковачевски: Кога сме единствени можеме да напредуваме и да оставиме подобро наследство на идните генерации

– Низ вековите ние, православните Македонци и сите други кои живееме на овие простори сме покажале дека кога сме единствени, можеме да напредуваме, да се развиваме и да оставиме секогаш подобро наследство за идните генерации, порача премиерот Димитар Ковачевски во изјава за медиуми по велигденската литургија во Соборниот храм во Скопје.

Ковачевски, утрината присуствуваше на Воскресната Литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, со којашто, традиционално за Велигден, богослужи поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан.

-Се наоѓаме во Соборниот храм на Македонската православна црква, наследници сме и на делото на Кирил и Методиј, и на Свети Климент и на Свети Наум и на сите наши просветители и светци, и би порачал на сите наши граѓани дека треба да бидеме единствени да ги надминеме разликите коишто ги имаме меѓу нас оние кои во минатото имале помеѓу себе недоразбирања треба да ги надминат сите заедно, да направиме нови чекори за просперитетна, успешна и за среќна за сите граѓани Република Северна Македонија, рече Ковачевски.  

На Литургијата, заедно со премиерот Ковачевски, присуствуваа и министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов и директорот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.

Тој во лично име, во името на Владата на сите православни верници им посака среќен Велигден.

Премиерот Ковачевски, заедно со министерот Пенов и директорот Сотировски имаше и куса празнична средба со поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, на којашто беше реафирмиран заедничкиот став за потребата од обединување во напорите на просперитет.